Michael Hernandez
05 Август 2016•Ажурирај: 06 Август 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Барак Обама вчера ги изнесе своите сомнежи во врска со посветеноста на Русија да посредува во постигнувањето траен мир во Сирија, но истакна дека без оглед на тоа, Соединетите Американски Држави мораат да се посветат на спречување на насилството, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ќе испитаме и ќе видиме дали може да се добие нешто што го одржува мирот. Доколку не, тогаш Русија многу јасно ќе покаже дека е неодговорен соучесник на светската сцена што го поддржува убиствениот режим и ќе мора да даде одговори на меѓународната сцена”, нагласи Обама.
Обама истакна дека САД ќе инсистираaт на одредени „долни граници”, доколку сакаат да ја подобрат својата соработка со Русија, која ќе вклучува воздржаност на сириската влада - што досега беше невозможно да се реализира.
САД моментално се во преговори со Русија за потенцијално проширување на воената соработка во Сирија, кое би можело да вклучува споделување на разузнавачки информации. Меѓутоа, планот наиде на негодувања на одредени службеници, особено од Пентагон, кои се сомневаат во сигурноста на Русија.
Американскиот претседател ги критикуваше постапките на Русија во земјата разорена од војна велејќи дека „отвораат многу сериозни прашања” за нејзината обврска да помогне во повлекувањето на Сирија „од работ”, но додаде дека „изборот е ограничен”.
„Мораме да видиме дали можеме да добиеме вистински прекин на непријателствата во февруари. Но договорот е загрозен во последните неколку месеци бидејќи бунтовниците и силите кои се во сојуз со сирискиот претседател Башар ал Асад и понатаму се во конфликт. Неодамна во Алепо, силите на Асад ги опколија деловите на градот кои ги држат бунтовниците. Кршењето на примирјето дојде до точка на која тоа едвај постои”, изјави Обама.
Изјавите на американскиот претседател дојдоа по состанокот со неговите советници за национална безбедност, кој траеше два часа, а тема беше опасноста од ДАЕШ.