İdris Okuducu
17 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
МОСУЛ (АА) - Здружените ирачки сили лојални на Владата во Багдад, утрово ја презедоа контролата врз градот Синџар, контролиран од курдските сили пешмерга, јавува Anadolu Agency (AA).
Еден од командантите на пешмергите, Касим Шешо, за АА потврди дека ирачката армија, полицијата и нивната сојузничка група Хашд ал Шаби рано утринава влегле во центарот на Синџар.
Шешо соопшти дека пешмергите се повлекле од градот во текот на ноќта, бидејќи наспроти себе ги имале значително посилните ирачки сили, така што во градот немало оружени конфликти.
Пешмергите, кои инаку се вооружени сили лојални на Регионалната курдска управа на северен Ирак, исто така тврдат дека меѓу ирачките сили кои влегле во Синџар имало и ирански воени елементи.
- Ирачките сили го зазедоа најпродуктивното нафтено поле кај Киркук -
Откако синоќа ја презедоа контролата во градот Киркук, ирачките безбедносни сили утринава го зазедоа и нафтеното поле Баи Хасан, кое се наоѓа северозападно од градот.
Групата Хашд ал Шаби потврди дека нејзините борци и ирачката војска од утринава во потполност го контролираат и нафтеното поле Баи Хасан, од каде што се повлекоа курдските сили пешмерги.