Aysu Biçer
25 Јуни 2022•Ажурирај: 26 Јуни 2022
МИНХЕН (АА) - Лидерите на седумте најбогати земји во светот ќе се соберат во Германија на разговори за воведување дополнителни санкции против Русија и за обновата на Украина на среден и долг рок, јавува Агенција Анадолија (АА).
Утре ќе започне тридневниот состанок на Г7 во Шлос Елмау на Баварските Алпи.
Агендата се смета за поитна од кога и да е, поради продолжувањето на руската „воена операција“ во Украина, а, исто така, вреди да се нагласи дека самитот ќе се одржи пред земјите членки на НАТО да преговараат за реструктурирање на Алијансата во време на војна на самитот во Мадрид, што ќе се одржи од 28 до 30 јуни.
Откако го презеде претседавањето со Г7 од Велика Британија во јануари, Германија постави цел за програмата: „Прогрес кон правичен свет“.
Во рамки на темата ќе се разговара за прашањата: одржлива планета, економска стабилност и трансформација, здрав живот и одржливи инвестиции.
Ситуацијата во Украина се очекува да биде на врвот на агендата и според германски дипломатски извори, германската Влада во моментов се обидува да најде начин да обезбеди пченица од Украина, можеби и преку земјите членки на ЕУ - „и Турција е многу вклучена и со водните патишта“.
Во врска со тоа дали Индија може да игра улога во ублажувањето на кризата со храна со укинување на забраната за извоз, германски дипломат рече: „Другите опции можат моментално да го намалат притисокот, но треба да има долгорочно решение.“
Германија планира да воспостави „пробен коридор“ за да овозможи безбедно минување на украинското жито со железница, изјави во понеделникот германската амбасадорка во Украина, Анка Фелдхусен, за државните медиуми.
До 25 милиони тони жито во моментов се блокирани во Украина, според украинскиот претседател Владимир Зеленски, кој неодамна рече дека бара безбеден коридор за украинските бродови за да се олесни недостигот на храна во регионите низ светот.
- Шолц: „Г7 оваа година е од особено значење“ -
Германскиот канцелар Олаф Шолц претходно изјави дека Г7 е од особено значење оваа година.
„По почетокот на ужасната агресија на Русија врз Украина, за нас беше од суштинско значење да се координираме меѓусебно во рамките на Г7“, рече Шолц.
Тој истакна дека од витално значење е да се подигне прашањето за тоа како оваа војна и другите промени влијаат врз земјите од Глобалниот Југ.
Од друга страна, на самитот ќе се разговара и за трговските и економските практики на Кина, кои ги предизвикуваат западните економии во последните години.
Се очекува лидерите да најават и нова инфраструктурна иницијатива за земјите со низок и среден приход за проектот „Појас и пат“, кој е дефиниран како кинескиот „модерен пат на свилата“ и чиј буџет се очекува да достигне 10 билиони долари.
- Кој ќе присуствува на самитот?
На самитот ќе присуствуваат американскиот претседател Џо Бајден, германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Борис Џонсон, јапонскиот премиер Фумио Кишида, италијанскиот премиер Марио Драги и канадскиот премиер Џастин Трудо.
Освен седумте држави, поканети се и Индонезија, Индија, Јужна Африка, Сенегал и Аргентина.
Индискиот премиер Нарендра Моди се очекува да зборува на две сесии за животната средина, енергијата, климата, безбедноста на храната, здравјето, родовата еднаквост и демократијата.
На самитот ќе бидат вклучени и украинскиот претседател Зеленски, шефови на држави и влади на земји партнери и претседавачи на меѓународни организации.