Mahmut Atanur
02 Април 2020•Ажурирај: 03 Април 2020
ЏАКАРТА
Во индонезиската провинција Западна Јава поројните врнежи од дожд предизвикаа поплави од кои се погодени повеќе од 100.000 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави индонезиската агенција „Антара“, поројните врнежи од дожд, што започнаа во неделата и во провинцијата Западна Јава го зафатија подрачјето на главниот град Бандунг, предизвикаа поплави во 7 региони.
Буди Будиман Вахју, претставник на Агенцијата за намалување катастрофи на Западна Јава, соопшти дека од поплавите се погодени 101.644 лица, а 3.298 лица се евакуирани поради оштетувања на нивните домови.
Вахју истакна дека во тек е евакуација на лицата погодени од поплавите на ниво на целиот регион.
Во поплавите и свлечиштата предизвикани од поројните дождови, што за време на новогодишната ноќ ги зафатија главниот град Џакарта и градовите Депок, Бекаси и Тангеранг, како и подрачјата Богор и Лебак, животот го загубија повеќе од 60 лица.
Индонезија, која се наоѓа во екваторскиот појас, често е зафатена од поплави и свлечишта предизвикани од поројните дождови, особено во периодот од октомври до април.