Mariam Ashalem De Andres
04 Септември 2026•Ажурирано: 04 Септември 2026
Адвокатите на Николас Мадуро побараа од американскиот федерален судија да ги отфрли кривичните обвиненија против венецуелскиот лидер, тврдејќи дека тој бил заштитен со суверен имунитет како шеф на држава, јавува Анадолу.
Барањето во средата го поднесе адвокатот на Мадуро, Бери Полак, пред федералниот суд во Менхетен. Тој аргументираше дека меѓународното право ги штити странските шефови на држави од кривично гонење пред американските судови.
„Ниту еден американски суд досега не водел кривична постапка против странски лидер кој бил признаен од сопствената земја како актуелен шеф на држава во моментот кога биле поднесени обвиненијата“, наведе Полак во судските документи.
Одбраната тврди дека дејствијата на кои се темели обвинението биле поврзани со официјалните должности на Мадуро како претседател на Венецуела.
Се тврди дека тој останал де факто шеф на државата кога биле подигнати обвиненијата, и покрај одлуката на Вашингтон да не го признае како претседател во 2019 година.
Американските власти го обвинија Мадуро во 2020 година за шверц на дрога и наркотероризам. Обвинителите го товарат него и други венецуелски официјални претставници дека се здружиле за шверц на кокаин во САД и дека ги користеле државните институции за олеснување на шверцот на дрога.
Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес беа заробени од американските сили во Каракас во јануари и однесени во Њујорк.
Двајцата се притворени во Метрополитенскиот притворски центар во Бруклин и се изјаснија за невини по обвиненијата, меѓу кои и шверц на дрога, перење пари и корупција.
Аргументот за имунитет се соочува со значителни правни пречки. Американските судови отфрлиле слични тврдења на странски лидери, меѓу кои и поранешниот панамски владетел Мануел Нориега, кој беше кривично гонет откако беше заробен од американските сили во 1989 година.
Се очекува американските обвинители да одговорат на барањето до 2 октомври. Судијата Алвин Хелерстајн закажа усни аргументи за 17 ноември.
Адвокатите на Мадуро, исто така, соопштија дека ќе ја оспорат законитоста на неговото заробување и префрлање во САД. Барањето од средата не го опфаќа тоа прашање, кое одбраната би можела да го подигне подоцна, како што ќе напредува постапката.