Ekip
27 Јуни 2020•Ажурирај: 27 Јуни 2020
ЖЕНЕВА
Светската програма за храна при ОН (WFP) денес предупреди дека Сирија се соочува со невидена криза со глад, известувајќи дека 9,3 милиони цивили имаат недостиг од храна во земјата погодена од војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сиријците денес се соочуваат со невидена криза со глад, бидејќи цените на основната храна достигнуваат нивоа невидени дури и во екот на деветгодишниот конфликт и милиони луѓе влегуваат подлабоко во сиромаштијата“, рече Елизабет Бирс, портпаролката на WFP.
Зборувајќи на неделната прес-конференција на ОН, таа изјави дека бројот на Сиријците кои имаат недостиг од храна се зголемил за 1,4 милион само во последните шест месеци.
„Уништувачката комбинација на економски застој, пропаѓање на либанската економија - што е значаен мост за Сирија - и мерките на ограничување за спречување на пандемијата на Ковид-19, направи цените на храната да бидат повеќе од 200 отсто повисоки за помалку од една година.“
Бирс рече дека цените на храната се 20 пати повисоки од периодот пред кризата, при што една кошница со основни намирници која чинела 4.000 сириски фунти пред конфликтот сега изнесува 76.000 сириски фунти.
Семејствата биле принудени да применуваат мерки од скратување оброци и намалување на порциите до продажба на предмети и одење подлабоко во долгови.
„Семејствата во Сирија поминаа повеќе отколку што можат да се справат, ги истрошија своите заштеди и често ги напуштаат своите домови и се повеќе влегуваат во сиромаштија и се соочуваат со глад“, изјави Бирс.
На WFP итно и се потребни 200 милиони долари за да продолжи да пружа помош со храна во Сирија до крајот на оваа година.
„Доколку новото финансирање не биде достапно во август, WFP ќе биде принудена драстично да ги скрати стапките како и бројот на луѓе кои ќе добијат храна до октомври 2020 година“, изјави Бирс.