İdris Okuducu,Dlshad Saifaalddin Ahmed
26 Декември 2016•Ажурирај: 27 Декември 2016
ЕРБИЛ (АА) - Ирачкиот министер за миграции Касим Ал-Џаф изјави дека од почетокот на операцијата за ослободување на Мосул од терористите на ДЕАШ, од тој град во бегалските кампови побегнале вкупно 132.000 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Со поддршка на воздушните сили на коалицијата што САД ја предводат во борбата против ДЕАШ, здружените ирачки сили ја започнаа операцијата на 17 октомври, а министерот Џаф во интервју за АА предупреди дека во наредниот период Мосул би можел да биде нов извор на голем бран бегалци.
„Од почетокот на операцијата, цивилите бегаат од Мосул. Досега во камповите надвор од Мосул се сместени 132.000 цивили, а претежно се работи за бегалци од источниот дел на Мосул“, изјави Џаф.
Ирачката Влада, Обединетите нации и властите на Регионалната курдска управа на северниот дел на Ирак ги подигнаа бегалските кампови во соседните слободни градови околу Мосул за цивилите од овој град, а Џаф изјави дека досега во камповите немало поголеми проблеми, особено не од аспект на безбедноста.
„На почетокот од операцијата за ослободување на Мосул предвидувавме дека можат да побегнат половина милион цивили. Досега побегнаа 25 отсто од бројот очекуван со процената. Доколку во наредниот период се интензивираат судирите, од Мосул би можеле да побегнат 350.000 цивили, но тоа се процени што зависат од состојбата на теренот“, изјави Џаф.
Министерот Џаф потсети дека терористите на ДЕАШ го контролираат Мосул веќе две години, и дека центарот на градот и понатаму главно е во рацете на терористите, како и регионите Телафер, Баај и Ал Хазар.
Џаф исто така изјави дека од летото 2014 година, четири милиони цивили се внатрешно раселени во Ирак.