Bedrudin Brlyavac
01 Март 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
БУДИМПЕШТА (АА) - Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, за време на вчерашното обраќање во Трговската и индустриска комора на Будимпешта изјави дека етничката хомогеност на Унгарија е еден од најважните придвижувачи на економскиот раст на таа земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Конкурентноста можеме да ја зголемиме првенствено со зачувување на етничката хомогеност. Тоа е нешто што денес можеме слободно да го кажеме, а поради тоа многу нѐ критикуваа. Докажано е дека премногу мешање (нехомогеноста) предизвикува проблеми“, изјави Орбан пред присутните.
Тој нагласи дека неговата земја не смее да ризикува и да ја менува етничката слика, истакнувајќи дека е против ангажирањето на сите странски работници во Унгарија, која сѐ повеќе се соочува со недостиг на работна сила.
„Не би сакал земјата да се најде во ситуација нискоквалификуваните работи да ги дава на странците. Ние самите мораме да ги извршиме потребните задачи за нашата нација да функционира, без оглед на тоа дали се работи за чистење тоалети или нуклеарни истражувања“, порача Орбан.