Emre Aytekin
04 Декември 2019•Ажурирај: 05 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Основачите на американскиот интернет-гигант „Гугл“, Сергеј Брин и Лари Пејџ, поднесоа оставки од извршните позиции во компанијата „Алфабет“ („Alphabet“), која е матична компанија на „Гугл“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од компанијата се истакнува дека претседателот на Управниот одбор на „Алфабет“, Сергеј Брин, и главниот менаџер Лари Пејџ поднеле оставки.
Се наведува дека директорот на „Гугл“, Сундар Пичаи, ќе биде извршен директор на компанијата „Алфабет“ и дека ќе биде именуван и за претседател на Управниот одбор.
Исто така соопштено е дека Брин и Пејџ ќе продолжат да бидат членови на Управниот одбор на „Алфабет“.
Забележано е дека промената во управувањето се совпаѓа со периодот кога компанијата ја занемари заштитата на личните податоци и кога нејзината позиција како монопол на пазарот започна да се доведува во прашање од страна на регулаторните агенции во САД и Европа.
Пејџ и Брин во соопштението за одлуката за напуштање на функциите истакнаа дека компанијата еволуирала и созреала во 21 година од нејзиното основање.
„Денес, во 2019 година, ако компанијата ја замислиме како човек, таа ќе беше 21-годишно младо момче, и време е тоа младо момче да го напушти својот дом“, нагласија Пејџ и Брин.
Пејџ и Брин започнаа со дизајнирање на пребарувачот „Гугл“ за прв пат во 1996 година како истражувачки проект по компјутерски науки на Универзитетот „Стенфорд“ во Соединетите Американски Држави (САД).
„Гугл“ е основана на 4 септември 1998 година како приватна компанија.
„Алфабет“, која е матична компанија на „Гугл“, има пазарна вредност од околу 893 милијарди американски долари.