Muhammed Sabry
13 Март 2024•Ажурирај: 14 Март 2024
РАМАЛА (АА) - Израелските сили денес убија палестински малолетник поради наводен напад со нож на окупираниот Западен Брег, пренесува Анадолу.
„Едно малолетно лице е убиено во близина на воен контролен пункт западно од градот Беит Џал, јужно од окупираниот Источен Ал-Кудс (Ерусалим)“, објави официјалната новинска агенција Вафа.
Весникот „Једиот Ахронот“ објави дека станува збор за Мухамед Абу Хамед, петнаесетгодишно момче од палестинското село Ал Кадер.
Израелските медиуми објавија дека момчето било „неутрализирано“ од безбедносните сили откако извадило нож, а во наводниот напад полесно биле повредени двајца Израелци.
Неговата смрт го искачи бројот на убиени Палестинци од страна на израелските сили на Западниот Брег на тројца, откако двајца мажи ги загубија животите во израелски оган за време на напад во градот Џенин.
Тензиите се зголемија низ Западниот Брег откако Израел, обвинет за геноцид, започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа на 7 октомври.
Министерството за здравство објави дека оттогаш се убиени најмалку 432 Палестинци, а повеќе од 4.700 се ранети од израелски оган на Западниот Брег.
По обвинението за геноцид поднесено од Јужноафриканската Република, на 26 јануари Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убиства, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.