10 Март 2019•Ажурирај: 11 Март 2019
ПЈОНГЈАНГ (АА) - Во Северна Кореја денеска се одржуваат парламентарни избори кои се своевидна плебисцитарна потврда на мандатот на државните кандидати за состав на Парламентот, а не избори на кои гласачите бираат меѓу повеќе кандидати и политики, пренесува Anadolu Agency (AA).
Гласачите во Северна Кореја денеска бираат нов состав на Врховното народно собрание кое брои околу 700 пратеници.
Гласачите добиваат гласачки ливчиња со име на само еден државен кандидат за Парламентот и го потврдуваат неговиот мандат. Теоретски имаат право да гласаат и против кандидатот, што претходно особено ретко се случуваше.
Врховното народно собрание е уставно најголем државен орган на Северна Кореја, а кандидатите за состав на Собранието ги именува владејачката Корејска народна партија и нејзиниот лидер Ким Џонг Ун.
Апсолутниот владетел на државата, партијата и војската, Ким Џонг Ун, гласаше утринава во Пјонгјанг.
Излезноста на изборите во Северна Кореја е високи 99 отсто. Таквиот случај беше на последните избори во 2014 година, а се очекува и денеска. Право на глас имаат сите граѓани со наполнети 17 години.
Изборните денови во Северна Кореја имаат фестивалски карактер. Уличните музичари ги забавуваат гласачите кои чекаат во редови за да ја исполнат својата граѓанска обврска.
„Изборите ќе ја потврдат потполната волја на нашиот народ и довербата која ја ужива нашиот врховен водач Ким Џонг Ун“, објави денеска провладиниот весник.
Врховното народно собрание на Северна Кореја заседава еднаш или двапати годишно за да ја потврди веќе утврдената политика на владејачката партија и врховниот лидер. Претседателството на Собранието, сепак, се состанува повеќепати и главно ги одобрува потезите на Ким Џонг Ун.