Furkan Abdula
11 Ноември 2022•Ажурирај: 12 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на неговото учество на 5. издание на Парискиот мировен форум се обрати на панел на којшто се дискутираше за решенија за надминување на кризите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на претседателскиот Кабинет, Пендаровски, заблагодарувајќи се за можноста да се обрати и да зборува за прашања кои се важни за регионот и неговата стабилност, истакна дека во изминатите месеци е разбирливо што сите зборуваме за безбедносната состојба во Украина поради руската агресија таму, но дека темата за безбедност е доста позната за Западниот Балкан со оглед на неговата модерна историја.
„Кога се зборува за решенија на кризите, претседателот рече дека решение за системската криза која сѐ уште тлее во регионот на Западен Балкан е да имаме поголемо европско присуство во регионот. Некогаш работите изгледаат како да сме заборавени од Унијата и без напредок на земјите кон Унијата“, се вели во соопштението.
Тој посочи дека Северна Македонија го отпочна процесот на пристапување кон Унијата и дека е во тек скрининг-процесот којшто треба да трае до крајот на идната година, а потоа, нагласи, дека можат да зборуваат за следните фази од процесот на пристапување кон ЕУ.

„Претседателот се осврна на нашиот регион за кој рече дека има споделени предизвици, дека демографските трендови не се поволни и притоа порача дека е потребно да се инвестира повеќе за младите луѓе, со цел да имаат повеќе можности за успех дома во своите земји. Тој додаде дека ни е потребно поголемо европско присуство постојано, а не само кога има кризни случувања“, се вели во соопштението.
Во однос на Европската политичка заедница, Пендаровски го повтори неговиот став дека таа треба да биде инструмент што ќе ни помогне во процесот на пристапување кон ЕУ, а не само дебатен клуб или пак замена за членството во Унијата, затоа што, според него, веќе се соочуваат со трендови на зголемување на евроскептицизмот и над 20 отсто пад на поддршката за пристапувањето кон ЕУ.
Тој истакна дека членството на Северна Македонија во ЕУ не е потребно само за зајакнување на економијата, унапредување на трговската размена и подобрување на животниот стандард, туку дека е потребна и политичка интеграција во институциите на ЕУ, како и демократски развој, зајакнување на институциите, владеење на правото и слободни медиуми.
Одговарајќи на прашањето за можностите за евроинтеграција на Украина, Пендаровски нагласи дека земјава дава поддршка за членство на Украина во ЕУ и дека тој својата поддршка ја покажа и со писмо упатено до претседателот Зеленски.
Пендаровски рече дека и покрај состојбата во која се наоѓа Украина, добивањето кандидатски статус е силна политичка порака од Унијата, стратешки поглед на ЕУ, солидарност и подготвеност да се демонстрира заедништвото на Унијата со украинскиот народ.
Инаку, Пендаровски учествува на 5. издание на Парискиот мировен форум во чии рамки има и повеќе средби со шефови на држави, учесници на Форумот.