Ekipa
25 Април 2022•Ажурирај: 28 Април 2022
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател, Емануел Макрон, победи на реизборите со 58,54 проценти од гласовите, наспроти освоените 41,46 проценти на неговата ривалка од партијата Национален собир, Марин Ле Пен, според конечните резултати објавени од Министерството за внатрешни работи, јавуав Агенција Анадолија (АА).
Макрон освои вкупно 18.779.641 глас (18,8 милиони), што претставува само 38,52 проценти од вкупните гласови. Ова е најнискиот процент на гласови за избран победник од 1969 година кога претседателот Жорж Помпиду освои 37,51 процент од гласовите.
Во меѓувреме, Ле Пен доби 27,28 проценти со 13.297.760 гласови (13,3 милиони), што е најголем број досега за кандидат на крајната десница.
Најзачудувачки детаљ од податоците е бројот на гласачи, 28,01 процент, кои останаа настрана од остварување на нивните демократски права. Од 48,75 милиони регистрирани гласачи, 13.656.109 (13,6 милиони) одлучиле да не гласаат.
Ова е највисоката бројка на апстиненција во вториот круг од претседателските избори од 1969 година кога 31,15 проценти од гласачите го избегнаа гласањето. Околу 2.228.044 (2,2 милиони) гласачи, кои сочинуваат 4,57 проценти, исто така ги оставија своите гласачки ливчиња празни како знак на протест.
Анкетите пред изборите иницираа дека голем број гласачи кои се надеваа на политичка промена беа разочарани од изборот помеѓу двајцата крајни кандидати. Тие ниту сакаа да го изберат актуелниот Макрон, ниту сакаа да ја видат Ле Пен во Елисејската палата.
Податоците покажуваат дека има општа незаинтересираност и политичка апатија кај Французите кон различните избори. Голем процент од гласачите не гласаа на регионалните избори во јуни минатата година.
Макрон сега се соочува со предизвик за парламентарните избори закажани на 12 и 19 јуни. Националното собрание се состои од 577 пратеници кои ќе го одредат обликот на политиките и законодавството во следните пет години.
Во неговиот победнички говор, Макрон призна дека мнозинството гласачи избрале да ја поразат екстремната десница и дека ќе мора да работи повеќе за да го освои нивното одобрение.
Ле Пен вети дека ќе остане пркосна и покрај нејзината загуба на претседателската функција, а таа допрва треба да ја прифати понудата на нејзиниот противкандидат, Ерик Земур, да се приклучи на силите во националниот сојуз на екстремно десничарските партии за да ги порази кандидатите на партијата на Макрон „Република во движење“.