Elena Teslova
25 Април 2022•Ажурирај: 26 Април 2022
МОСКВА (АА) - Русија им порача на Соединетите Американски Држави (САД) да престанат да даваат повеќе оружје за Украина, предупредувајќи дека нивните дејствија би можеле да го интензивираат конфликтот, изјави денес дипломатскиот претставник на Москва во Вашингтон, Анатолиј Антонов, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Испраќањето оружје од 800 милиони долари на САД во Киев „не придонесува за барање дипломатско решение“, рече Антонов во интервју за државниот информативен канал „Русија 24“.
Антонов го обвини Вашингтон дека „се обидува да ги зголеми влоговите, да ја влоши ситуацијата“.
„Дали испративме [дипломатска] нота? Да, ја нагласивме неприфатливоста на ситуацијата кога САД ја пумпаат Украина со оружје. Баравме да престане оваа практика“, додаде тој.
Од почетокот на руско-украинската војна, САД ѝ обезбедија на Украина воена помош во вредност од над 2,6 милијарди долари.
Вашингтон првично се воздржуваше од испраќање тешко вооружување, но потоа ја смени шемата и испорача опрема, вклучувајќи хеликоптери, воздушни и поморски дронови и артилериско оружје.
Американската војска обучува и украински војници.
Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, и државниот секретар, Ентони Блинкен, ветија поголема помош за време на нивната посета на Киев синоќа, велејќи му на украинскиот претседател Владимир Зеленски дека Вашингтон планира да обезбеди „713 милиони долари дополнително странско воено финансирање“, се вели во веста на „Си-ен-ен“ со кој се цитира висок претставник на американскиот „Стејт департмент“.
Зеленски ја поздрави објавата, пофалувајќи ги САД за нивната помош што ги зајакна одбранбените капацитети на Украина и ги подигна „на квалитативно ново ниво“, се наведува во соопштението на неговиот кабинет.
Минатиот четврток, претседателот Џо Бајден го објави вториот пакет воена помош од 800 милиони долари за Украина за исто толку недели, што вклучува десетици артилериски оружја „Ховицер“ и тактички беспилотни летала како дополнување на илјадници противоклопни и противвоздушни муниции веќе испратени за зајакнување на Украина.
„САД испратија 10 парчиња противтенковско оружје за секој руски тенк моментално во Украина“, рече Бајден по средбата со украинскиот премиер Денис Шмихал, тврдејќи дека Вашингтон ќе продолжи да споделува „значајни, навремени“ разузнавачки информации со Киев.