Said İbicioğlu
05 Декември 2020•Ажурирај: 07 Декември 2020
РАМАЛА
Во Рамала денес е погребано 13-годишното момче кое во петокот беше рането од израелските сили во близина на Рамала, по што почина во болница, јавува Агенција Анадолија (AA).
Момчето Али Абу Алије е погребано на гробиштата во селото Ел-Мугајер.
На погребната молитва присуствуваа голем број луѓе кои носеа палестински знамиња и извикуваа слогани против Израел. Во еден момент избувнаа и инциденти меѓу Палестинците и израелските војници кои поставија контролен пункт на влезот во селото. Израелските војници интервенираа со звучни бомби и солзавец.
Тринаесетгодишното палестинско момче, кое беше рането од израелските сили на окупираниот Западен Брег во петокот, почина подоцна во болница.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека Али Абу Алије, кој е ранет во пределот на стомакот кога израелските сили отвориле оган во селото Ел-Мугајер близу Рамала, починал во болницата во којашто било пренесен.
Од друга страна, израелската Армија тврди дека при нивната интервенција за време на демонстрациите во селото Ел-Мугајер не била користена боева муниција.
Палестинците одржаа демонстрации во селото Ел-Мугајер по петочната молитва во знак на протест против планот за изградба на нова нелегална еврејска населба на тоа подрачје.
Палестински извори тврдат дека израелските сили интервенирале за време на протестот и го раниле Алије со боеви куршуми, а уште четири Палестинци со гумени куршуми.