Erbil Başay
27 Јули 2025•Ажурирај: 28 Јули 2025
БЕРЛИН (АА) - Полицијата на Берлин употреби сила против учесниците на протестот за поддршка на Палестина, приведувајќи голем број демонстранти, известува Анадолу.
Илјадници луѓе се собраа во близина на метро станицата Зудстерн во берлинскиот округ Кројцберг за да протестираат против геноцидот на Израел врз Појасот Газа и да привлечат внимание кон кризата со глад со која се соочуваат цивилите во палестинската енклава.
Подоцна демонстрантите почнаа да маршираат, носејќи транспаренти со антиизраелски слогани и извикуваа слогани за поддршка на Палестина.
Голем број луѓе беа видени како стојат на прозорците на зградите долж патеката на маршот, давајќи им поддршка на демонстрантите.
Учесниците на маршот удираа со лажици по тенџериња и тави, привлекувајќи го вниманието кон кризата со глад во Газа, каде што Израел го блокира влезот на хуманитарна помош.
Во текот на маршот на моменти имаше судири меѓу полицијата и демонстрантите.
Како што демонстрантите се приближуваа кон метро станицата Котбусер Тор, полицијата употреби сила врз нив.
Бројни демонстранти беа приведени, а некои од нив се здобија со повреди од насилната акција на полицијата.
За времена маршот се огласи полицијата соопштувајќи дека ги прекинува демонстрациите, со образложение дека претставуваат „закана за јавната безбедност“ и не дозволи маршот да продолжи.