Murat Temizer
20 Септември 2022•Ажурирај: 22 Септември 2022
АНКАРА (АА) - Министерството за внатрешни работи на Полска соопшти дека започнале со дистрибуција на таблети со калиум јодид како мерка на претпазливост од ризиците што можат да произлезат од нуклеарната централа Запорожје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението споделено на веб-страницата на Министерството се наведува дека конфликтите во регионот каде што се наоѓа споменатата централа ја натерале Владата да преземе мерки на претпазливост.
Исто така се наведува дека во центрите на Државната противпожарна служба се дистрибуирани таблети со калиум јодид. Станува збор за постапка што се применува во вонредни ситуации поврзани со зрачење во рамките на законот.
Нагласувајќи дека во моментов нема опасност од радијација, во соопштението се додава: „Сакаме да ве информираме дека Националната агенција за атомска енергија постојано ја следи состојбата. За секој полски граѓанин е загарантирана доволна количина на калиум јодид. Потсетуваме дека лекарите и експертите не препорачуваат употреба на калиум јодид самостојно.“
Рафаел Маријано Гроси, претседател на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), во изјавата на 12 септември рече дека е неизбежна потреба да се воспостави безбедна зона во и околу нуклеарната централа Запорожје.
„Почнав консултации со двете страни за ова прашање“, нагласи тој.