Eşref Musa,Mehmet Burak Karacaoğlu
11 Февруари 2020•Ажурирај: 12 Февруари 2020
ИДЛИБ (АА) - Поради нападите на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и руските сили извршени во последните четири дена, од Идлиб, зоната на деескалација, раселени се уште 27.000 цивили, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поголемиот дел од раселените лица се сместија во камповите недалеку од турската граница, додека други засолниште побараа на подрачјата ослободени од терористите во турските антитерористички операции.
Од јануари минатата година спас во близина на турската граница пронајдоа повеќе од 1,7 милион лица. Главно се работи за цивили од јужните и југоисточните делови на Идлиб, како и од западниот и јужниот дел на Алепо.
Координациската група за одговор на Сирија наведе дека миграциите на сириските цивили и понатаму се во тек.
Од 2016 година Турција започна три успешни антитерористички операции надвор од своите граници, во северна Сирија, со цел да спречи формирање терористички коридор во тој регион: операциите „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018) и „Извор на мирот“ (2019).
Раселенитие цивили тешко пронаоѓаат засолништа, со оглед на тоа дека бегалските кампови се пренатрупани, а немаат ни потребна инфраструктура. На илјадници семејства им е потребна хуманитарна помош.
Северозападната сириска област Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на сириската опозиција.
Во моментов, популацијата на Идлиб, со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое е најмногу напаѓано од страна на режимот.
Турција, Русија и Иран, на состанокот одржан во Астана на 4-5 мај 2017 година, ги прогласија Идлиб и околината за зона без судири. Турција и Русија, како резултат на кршењето на Договорот за прекин на огнот од страна на режимските сили, постигнаа дополнителен договор за таа област.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, до овој момент, од нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија над 1.800 цивили.