Vesna Besiç
10 Декември 2019•Ажурирај: 11 Декември 2019
СТОКХОЛМ (AA) - Кристин Доктаре, шведската докторка и новинарка која беше и во текот на војната во Босна и Херцеговина, присуствуваше вечерва на протестите во Стокхолм каде порача дека ја враќа Нобеловата награда за мир, која ја доби во 1988 година како членка на мировните сили на Обединетите нации (ОН), јавува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи се на собирот организиран поради доделувањето на Нобеловата награда за книжевност на Петер Хандке, Доктаре рече дека ја враќа својата награда.
Неколку стотици граѓани се собраа вечерва на Нормалм плоштадот во Стокхолм во знак на протест поради вечерашната церемонија на доделувањето на Нобеловата награда за 2019 година која ја доби и контроверзниот австриски писател Петер Хандке, негатор на геноцидот извршен во „заштитената зона во ОН" во Сребреница во 1995 година.
„Додека живеам ќе сведочам за да вистината за ужасната војна никогаш не биде негирана", рече Доктаре вечерва пред неколку стотици граѓани, меѓу кои беа и мајките на Сребреница и поранешни логораши.
Доктаре додаде дека била горда на Шведската академија на науките и уметностите, меѓутоа сега чувствува срам и вина.
Овогодинашниот добитник на Нобеловата награда за книжевност, австрискиот книжевник Хандке, познат е по контроверзните ставови за случувањата на овие простори, односно по тоа што го негираше геноцидот во Сребреница и се залагаше за одбрана на Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Србија и Сојузна Република Југославија и обвинет од Хаг за воени злосторства.