Vesna Besic
01 Март 2021•Ажурирај: 02 Март 2021
САРАЕВО
Делегациите од сите нивоа на власта денес со положување цвеќе на Шехидските гробишта „Ковачи“ во Сараево им оддадоа почит на шехидите и на првиот претседател на Република Босна и Херцеговина (БиХ), Алија Изетбеговиќ, по повод одбележувањето на 29 години независност на БиХ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓу присутните беа и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ.
Делегациите положија цвеќе и на спомен-обележјето „Вечен оган“ (Вјечна ватра).
„Сите знаеме колку тогаш требаше храброст, дури и мудрост да се донесе таков вид одлука. Можностите во животот на луѓето како што е таа, и во животот на една земја како што беше таа можност на 1 март 1992 година, се случуваат еднаш во историјата. Добивате своја држава, независност. Требаше да имате храброст и мудрост и да тргнете по тој пат. Скапо го плативме тоа“, потсети Комшиќ.
Смета дека „Ковачи се само еден дел од таа цена што ја платиле во целата БиХ за да ја добијат и да ја стекнат својата независност“.
„Денес државата треба повторно, можеби е тоа тежок збор, да се 'брани', но треба и да се гради. Бидејќи еден вид внатрешна агресија сега се одвива низ институциите на државата, што е апсурд на прв поглед. Меѓутоа, оние што ги знаат околностите во БиХ не се изненадени од тоа. Тоа повторно говори дека сите оние воени планови и сето она против што се боревме, поради што плативме толку скапа цена, со човечки животи, тешко разорување, со раселени и протерани луѓе, геноцидот, и тие политики уште не се откажале од своите планови од пред 30 и 40 години“, појасни Комшиќ.
Како што рече, сега треба да се биде мудар и храбар.
Комшиќ рече дека „и понатаму доаѓа тешка битка за да се сочува оваа земја како мултиетничка земја, земја на еднакви луѓе“.
„Да се воведе во НАТО и ЕУ, таа битка и понатаму се одвива“, изјави Комшиќ.
Коментирајќи за тоа што државното ниво направило за да младите генерации не одат од БиХ, Комшиќ рече дека пробале оваа земја да ја „турнат кон НАТО и успеале“.
„Мислам дека НАТО е многу важен. Се обидуваме сега да ја откочиме и оваа приказна околу европските интеграции и тоа тешко оди“, додаде Комшиќ.
- Независност на БиХ
На денешен ден пред 29 години прогласена е независноста на БиХ откако таа одлука ја донесоа нејзините граѓани преку референдум. Тогаш повеќето граѓани одлучија земјата да се одвои од тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) и да стане независна.
Референдумското прашање гласеше „Дали сте за суверена и независна Босна и Херцеговина, држава на рамноправни граѓани, народи на БиХ - муслимани, Срби, Хрвати и припадници на другите народи кои живеат во неа?“
Референдумот е одржан на 29 февруари и 1 март, а за независноста гласаа 2.073.568 гласачи. Од вкупниот број од оние што се одзваа на референдумот 99,7 отсто беа за независност, а 0,3 отсто беа против. Еден месец по референдумот следуваше агресијата врз Босна и Херцеговина.
Референдумот за независност значеше потврда на определбата на мнозинството граѓани кон иднината на БиХ, но исто така беше и вовед во тригодишната крвава војна, на агресијата врз БиХ, во која загинаа над 100 илјади луѓе, додека над 1 милион граѓани на Босна и Херцеговина беа протерани од своите огништа.