Ekipa
11 Август 2019•Ажурирај: 12 Август 2019
КАРАЧИ (АА) - Во поројните дождови и поплавите кои ги зафатија јужниот и северозападниот дел на Пакистан во последниите 24 часа, загинаа најмалку 24 лица, соопштија денес официјални претставници и локални медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Поројните врнежи од дожд синоќа го зафатија јужниот пристаништен град Карачи, кои траеја 16 часа со кратки паузи.
„Најмалку 12 лица загинаа, претежно од електричен удар, во различни делови на главниот трговски град, додека Владата ја повика армијата да се вклучи во спасувањето на блокираните лица“, објави локалната ТВ-мрежа „Гео њуз“ (Geo News).
Поплавите, исто така, предизвикаа лизгање на земјиштето, прекин во доставувањето на електрична енергија и паднати дрвја и столбови во многу области.
Снимките објавени на „Гео њуз“ покажуваат како луѓето блокирани од поплавите се спасувани преку хеликоптер и кранови.
Десетици возила се гледаат блокирани во средината на поплавените патишта, додека луѓето одат низ водата која допира до колена за да стигнат до своите одредишта.
Според Одделот за метеорологија, во градот паднале 150 мм врнежи.
„Во северозападната покраина Кајбер Пахтунхва, најмалку 12 лица загинаа, а 22 се повредени во несреќи поврзани со поројните врнежи, главно одрони на земјиште и пропаѓање на покриви“, се вели во соопштението на Управата за управување со катастрофи на покраината.
Пријавени се смртни случаи од окрузите Фор, Читрал, Мохманд, Бајаур и Торгар.
Метеоролозите предвидуваат врнежите од дожд во Карачи и во другите делови на земјата да продолжат во наредните 24 часа.