Gizem Nisa Çebi
12 Октомври 2024•Ажурирај: 14 Октомври 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Тимот на „Нешнал џиографик“ (National Geographic), наводно, ги открил посмртните останки на Ендрју „Сенди“ Ирвин, британски планинар кој исчезнал на Монт Еверест пред речиси 100 години, пренесува Анадолу.
„Нешнал џиографик“ објави ексклузивна вест дека Ирвин, заедно со Џорџ Мелори, се обиделе да го искачат највисокиот врв на светот во 1924 година.
Со нивното исчезнување се појави една од најголемите нерешени мистерии во историјата на искачувањето - дали стигнале до врвот пред нивната смрт?
Фотографот и режисер Џими Чин, кој го предводеше тимот, го опиша важниот момент на откривање, говорејќи за американската телевизиска мрежа.
„Го кренав чорапот“, раскажа Чин: „И на него имаше црвенa етикета на која со конец беше сошиено името A.C. IRVINE“.
Чин и неговиот тим веднаш го препознале значењето: „Сите буквално трчавме во круг...“.
Останките се откриени на Централниот глечер Ронгбук, близу местото каде што е пронајдено телото на Мелори во 1999 година.
Посмртните останки на Мелори покренаа многу прашања, но не понудија дефинитивен одговор за тоа дали двајцата стигнале до врвот, според „Нешнал џиографик“.
Клучот за решавање на оваа мистерија може да лежи кај Ирвин, бидејќи се верува дека носел камера која може да содржи клучни фотографски докази.
Правнуката на Ирвин, Џули Самерс, изрази чувство на олеснување откако ја слушна веста.
„Тоа е предмет што му припаѓал и во него има мал дел од него“, рече таа за чизмата откриена со останките. „Тоа ја раскажува целата приказна за тоа што наверојатно се случило.“
Самерс и другите роднини доброволно дадоа примероци на ДНК за да помогнат во потврдувањето на идентитетот на посмртните останки, што претставува значаен чекор кон решавање на една од најдолгите мистерии во планинарењето.