Şerife Çetin
01 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
АНКАРА (АА) - Изјавите на претседателот на САД, Доналд Трамп, и неговата одлука за привремена забрана за влез во САД на граѓаните од седум муслимански земји, негативно влијаеја на американскиот туризам. По доаѓањето на Трамп на позицијата претседател, забележан е и значаен пад во продажбата на авионските карти за САД, а штетата се проценува на 185 милиони долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на туристичките агенции, во целиот свет се бележи значаен пад во интересот на туристите за посета на САД.
Одлуката на Трамп со која се забранува влезот на американско тло за мигрантите од таканаречените земји поврзани со тероризмот, се одрази и преку помалата заинтересираност за посетата на САД од другите земји.
Како што наведува британскиот весник „Гардијан“, податоците на мобилната апликација „Хопер“ покажуваат дека потрагата по авионски карти за САД, во однос на последниот период од мандатот на Барак Обама е намалена за 17 отсто.
Интересот за посета на САД опадна во дури 94 земји, а според податоците од официјалните претставници на мобилната апликација „Хопер“, тој процент во Русија е дури 88 отсто.
Исто така, се наведува дека интересот на Британците за посета на туристичкиот град Орландо опаднал за 58 отсто, а за Мајами 52 отсто.
Дека интересот на туристите за САД е слаб покажува и падот на цените на американските хотели. Така, цените на хотелското сместување во Лас Вегас паднаа за 39, а во Њујорк за 32 отсто.
Унијата на туристичките агенции проценува дека во овој сектор е забележана штета од околу 185 милиони долари.