Ekipa
03 Април 2022•Ажурирај: 05 Април 2022
САНА (АА) - Бунтовниците Хуси соопштија дека танкер со гориво се закотвил во пристаништето Худејда во западен Јемен, прв танкер откако стапи на сила примирјето склучено со посредство на Обединетите нации (ОН) ден претходно, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Есам ал-Мотвакел, портпарол на нафтената компанија во Сана, управувана од Хусите, изјави дека бродот што превезувал мазут, гориво со понизок квалитет, пристигнал во пристаништето Худејда, откако бил задржан 88 дена.
Тој рече дека уште три други бродови со гориво сè уште чекаат, но не даде дополнителни детали во врска со нив.
Двомесечното примирје во Јемен постигнато со посредство на специјалниот пратеник на Обединетите нации (ОН), Ханс Грундберг, стапи на сила вчера.
Според договорот, сите воздушни, копнени и поморски напади од страна на бунтовниците Хуси, владините сили и од коалицијата предводена од Саудиска Арабија ќе бидат стопирани.
Јемен е средиште на судири и насилство од 2014 година, кога бунтовничкото движење на Хусите ја презеде контролата врз голем дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Конфликтот ескалираше една година подоцна кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници застанаа на страната на Владата на Јемен и започнаа воздушни напади врз позициите на побунениците.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), во Јемен, каде што владее една од најтешките хуманитарни кризи во светот, на меѓу 22 и 30 милиони луѓе им е потребна помош и заштита. Над 233.000 луѓе загинаа во судирите што траат седум години.