Kasım İleri
13 Октомври 2016•Ажурирај: 14 Октомври 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Пентагон соопшти дека Соединетите Американски Држави рано утринава гаѓаа цели во подрачјата контролирани од Хусите во Јемен, пренесува Anadolu Agency (AA).
Нападите врз три радарски места на територијата контролирана од Хусите на јеменскиот брег на Црвеното Море, беа изведени откако пред помалку од една недела, крстосувачки ракети двапати беа насочени кон разурнувачот УСС Мејсон (USS Mason), во Црвеното Море, во близина на протокот Баб ал-Мандеб.
„Нападите одобрени од американскиот претседател Барак Обама, по препорака на секретарот за одбрана Еш Картер и претседателот на Здружениот генералштаб, генерал Џозеф Данфорд, насочени кон радарските места вклучени во неодамнешните лансирања на проектили како закана кон американскиот разурнувач УСС Мејсон и другите пловила што оперираат во меѓународните води во Црвеното Море и Баб ал-Мандеб “, изјави портпаролот на Пентагон, Питер Кук, во соопштение.
Претходно оваа недела, Пентагон најави дека американската армија ќе возврати за секој напад на своите поморски сили во регионот.
Според Кук, првичната процена покажува дека радарките места се уништени.
„Овие ограничени напади за самоодбрана беа спроведени со цел за заштита на нашите сили, нашите бродови и нашата слобода за навигација во овој важен поморски премин“, додаде Кук.
Тој предупреди дека САД ќе одговорат на какви било дополнителни закани за американските поморски средства и други комерцијални бродови што пловат во таа област.
Минатата недела, трговски брод на Обединетите Арапски Емирати исто така се најде под сличен ракетен напад од Јемен.