Enes Canlı
16 Април 2019•Ажурирај: 16 Април 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Уставниот совет на Алжир, Тајиб Билајз, поднесе оставка. Тој беше едно од лицата за кои демонстрантите бараа да ја напуштат функцијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите во алжирските медиуми, Билајз, кој се наоѓа на висока позиција во судството, ја поднесе својата оставка до привремениот претседател Абдулкадир бин Салих.
Билајз на 10 февруари беше назначен за претседател на Уставниот совет на Самитот на судството во Алжир од страна на Абдулазиз Бутефлика.
Бутефлика, кој веќе 20 години е претседател на Алжир, поднесе оставка на 2 април по едно и пол месечните протести и „предупредувањата“ на армијата.
- Се бара решение за кризата во земјата
На улиците во Алжир се бара оставка од некои имиња на врвот на државата, вклучувајќи го и Билајз, кој се смета за „остаток од режимот на Бутефлика“.
Илјадници Алжирци во демонстрации во еден глас побараа да си заминат од функциите привремениот претседател Бин Салих, премиерот Нуредин Бедеви и неговата влада и како последно претседателот на Уставниот совет, Тајиб Билајз, како највисок орган на судството.
Една од уставните опции дискутирани во јавноста за решавање на кризата во земјата беше оставката на претседателот на Уставниот совет и назначувањето консензуално лице на негово место.
Алжирскиот уставен експерт Лезхари Бузид, во претходната изјава за дописникот на АА истакна: „За да се реши проблемот, оставка треба да поднесе претседателот на Уставниот совет, Тајиб Билајз и на негово место да се назначи лице за кое ќе се согласат сите страни. На тој начин, кога привремениот претседател ќе поднесе оставка, на таа функција нема да дојде Билајз, туку новиот претседател на Уставниот совет кој ќе добие согласност од сите.“
Бузид истакна дека со ова решение ќе се исполнат барањата на улицата за да си заминат лидерите од транзицискиот период и на уставната рамка која се истакнува од страна на армијата.
- Уставниот совет - врв на судството
Уставниот совет презема критични задачи, како што се кандидатурите за номинација на новите претседателски избори, објавувањето на кандидатската листа, разрешувањето на претседателот и објавувањето на резултатите од изборите.
Според алжирскиот Устав, ако привремениот претседател поднесе оставка, таа улога ја презема претседателот на Уставниот совет.