Levent Tok,Adham Kako
08 Август 2018•Ажурирај: 10 Август 2018
АНКАРА (AA) - Терористичката организација ЈПГ/ПКК, со поддршка на Соединетите Американски Држави (САД), површината на подрачјето кое го контролира во Сирија, во последните четири месеци ја зголеми од 25 на речиси 28 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).
Картографските податоци за периодот од 18 април до 8 август покажуваат дека припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и терористичката организација ЈПГ/ПКК за четири месеци успеаја да воспостават контрола над поголема територија, додека подрачјата под контрола на ДЕАШ и опозицијата се намалени.

Асадовиот режим пред четири месеци контролираше 58 отсто од сириската територија, а денеска таа површина е поголема за еден отсто. Режимските сили контролираат 109.136 квадратни километри од земјата, чија површина е 185.180 квадратни километри.
Припадниците на режимот, во последно време, со поддршка на Русија го кршеа Договорот од Астана и ги зазедоа подрачјата Источна Гута, Дера и Кунејтра.
- Терористите на ЈПГ/ПКК контролираат повеќе подрачја отколку во април
Терористите на ЈПГ/ПКК, по губитокот во Африн во операцијата „Маслинова гранка“ контролираа околу 25 отсто од територијата, но потоа остварија напредок на истокот на земјата.
Организацијата, со силна воздушна поддршка на САД на источниот дел на реката Еуфрат, оствари напредок на подрачјата кои ги контролираа припадниците на ДЕАШ. Од април, подрачјата под нивна конрола кои изнесуваа 45.967 квадратни километри се зголемија на 51.379 квадратни километри. Така процентот на сириската територија која се наоѓа во рацете на ЈПГ/ПКК е зголемен од 25 на 27,7 проценти.
Терористите на ДЕАШ во Сирија на три локалитети контролираат територија со површина од 6.040 квадратни километри. Површината на подрачјето под контрола на ДЕАШ од април е помала за 3,3 отсто.
ДЕАШ моментално е присутна во неколку села на истокот на Еуфрат, во рурални подрачја на истокот на Хомс, како и на неколку локалитети во Сувејда.
- Намалена површината на подрачјата под контрола на опозицијата
Опозицијата и антирежимските вооружени групи, откако во април ја изгубија Источна Гута, на истокот на Дамаск, согласно постигнатиот договор, беа присилени од режимските сили да ги препуштат Дера и Кунејтра. Така, површината на подрачјата под контрола на опозицијата е намалена за 1,7 отсто и изнесува околу 10 отсто, односно 18.625 квадратни километри.
Опозицијата моментално го контролира Идлиб, на северозападот на земјата, руралните подрачја на западот и северот на Алепо, Туркмендаги во Латакија и Таниф, на границата на Сирија, Ирак и Јордан.
Подрачјето од 4.147 квадратни километри се наоѓа во регионите ослободени во офанзивата „Штитот на Еуфрат" и во операцијата „Маслинова гранка“.