Ali Cura
22 Октомври 2021•Ажурирај: 23 Октомври 2021
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Сочи се состана со израелскиот премиер Нафтали Бенет, а меѓу темите на состанокот се и ситуацијата во Сирија и иранската нуклеарна програма, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на почетокот на состанокот, Путин наведе дека посетата на шефот на израелската Влада се совпаднала со 30-годишнината на воспоставувањето на руско-израелските дипломатски односи.
Тој наведе дека меѓу двете земји се развил единствен однос.
„Прво, како наследничка на Сојузот на Советските Социјалистички Републики, нашата земја всушност беше на почетоците на основањето на државата Израел. Второ, во Израел живее веројатно најголемата заедница во странство која зборува на руски јазик, таму има многу преживеани од Големата татковинска војна“, изјави Путин.
Напоменувајќи дека трговско-економските врски по обем се сѐ уште скромни, но дека и понатаму успешно се развиваат, Путин изјави дека трговската размена се зголемила за 50 отсто во првите седум месеци оваа година, и покрај сите ограничувања поради епидемијата.
Наведувајќи дека за време на состанокот ќе разменат информации за ситуацијата во регионот, Путин истакна дека настојуваат повторно да воспостават и да ја зајакнат сириската држава. Истакнувајќи дека има многу проблематични прашања, Путин нагласи дека постојат контактни точки и можности за соработка со Израел, особено во борбата против тероризмот.
Путин додаде и дека се надева дека односите меѓу двете земји ќе ја следат политиката на континуитет, и покрај проблемите во израелската внатрешна политика.
Израелскиот премиер Бенет изрази надеж дека ќе разговара со Путин за ситуацијата во Сирија и иранската нуклеарна програма.
Наведувајќи дека Путин дал придонес во развојот на руско-израелските односи, Бенет, обраќајќи се директно на Путин, рече:
„Господине претседателе, вие повеќе од 20 години ги јакнете врските меѓу нашите земји и ги доведовте на ова ниво. Во име на целата наша земја, целиот наш народ, сакам да Ви кажам: Ве гледаме како многу близок, вистински пријател на државата Израел.“
Во Израел на 13 јуни оваа година коалициската Влада на чело со Нафтали Бенет и Јаир Лапид, челникот на партијата Јеш Атид, го прекина 12-годишното владеење на Бенјамин Нетанјаху. Според коалицискиот договор, челникот на Јамина, Нафтали Бенет, го презеде местото на премиер на две години. Бенет ќе ја предаде задачата на водачот на Јеш Атид и коалицискиот партнер Јаир Лапид во август 2023 година.
Бенет денеска во Сочи за првпат се состана со Путин откако стана премиер.