Elena Teslova
14 Јуни 2023•Ажурирај: 15 Јуни 2023
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин рече дека Русија неколкупати се согласила за продолжување на Иницијативата за транспорт на жито преку Црното Море, но дека сега размислува за повлекување од Договорот, јавува Анадолу.
Говорејќи на состанокот со воените кореспонденти во Москва, Путин истакна дека Русија „уште еднаш е измамена“ и дека „ништо не е направено“ за имплементација на нејзиниот дел од Договорот.
„Сега размислуваме како можеме да излеземе од овој договор за жито... овие коридори, по кои се движат бродовите, константно се користат од непријателот за лансирање дронови, морски дронови“, рече тој.
„Еден од коридорите беше искористен во понеделникот за напад на бродот што го чуваше гасоводот 'Турски тек'“, рече рускиот претседател.
Туркије, Обединетите нации, Русија и Украина во јули минатата година потпишаа Договор за продолжување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црното Море, што беше стопиран по почетокот на војната во Украина во февруари минатата година.
Договорот оттогаш е обновуван неколкупати, а на 18 мај беше продолжен за уште два месеца.
Москва го поврза вклучувањето на нејзината државна Руска земјоделска банка во меѓународниот платен систем СВИФТ за дополнителното продолжување на Договорот. Таа исто така се пожали дека Договорот не го исполнува ветувањето за ослободување на патот за рускиот земјоделски извоз блокиран поради западните санкции.
Путин истакна дека во интерес на Русија е да одржува добри односи со државите во Африка и Латинска Америка: „Ние не го правиме ова за Украина, тоа го правиме за пријателските земји во Африка и Латинска Америка. Затоа што житото треба пред сè, да им служи на најсиромашните земји во светот“, рече тој.
Рускиот претседател за приходите од извозот на жито рече дека се главен извор на тековна заработка на Украина во странска валута, бидејќи „сè друго се распадна“.
„Тие [ЕУ] се главните приматели на украинското жито. Поевтино е. И тоа е добро за нив, а на Украина ѝ се платени пари за тоа. До денес, можеби грешам, но ми се чини дека ова е главниот извор на заработка во странска валута за Украина. Сè друго практично им е пропаднато“, рече Путин.