Adham Kako,Mohamad Misto
25 Декември 2017•Ажурирај: 26 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека режимот на Башар Ал Асад од јули 2012 година до ноември 2017 година во своите напади врз цивилите во Сирија употребил најмалку 68.334 барелни бомби, јавува Anadolu Agency (AA).
SNHR објави извештај за употребата на барелни бомби од страна на силите на режимот врз цивилните населени места кои се под контрола на опозицијата.
Според извештајот, силите на режимот во 2012 година употребиле 2.314, во 2013 година 14.976, во 2014 година 14.837, во 2015 година 17.318, во 2016 година 12.958 и во 2017 година во ноември месец 5.931 барелна бомба.
Силите на режимот врз главниот град Дамаск и неговите рурални предели извршиле напади со вкупно 22.149 барелни бомби.
Силите на режимот употребиле 13.436 барелни бомби во нападите врз недолжното цивилно население во облата Алепо која се наоѓа во северниот дел на Сирија.
Врз Дера се извршени 9.901 напади, врз Хама 8.482, врз Идлиб 7.682, врз Хомс 3.598, врз Латакија 2.017, врз Деир ез-Зор 355, врз Кунејтра 323, врз Рака 258, врз Хасеке 81 и врз Сувејда 52 напади.
Според извештајот, за првпат барелни бомби се употребени во октомври 2012 година врз местото Салкин во областа Идлиб.
- Барелните бомби одзедоа 10.763 животи -
Во извештајот се наведува дека во нападите на режимот со барелни бомби животот го загубиле 10.763 цивили. Меѓу загинатите 1.734 се деца, додека 1.689 се жени.
Во извештајот на Сириската мрежа за човекови права (SNHR) се наведува дека во споменатиот период барелни бомби се фрлени врз 76 здравствени центри, 140 училишта, 160 верски објекти (месџиди) и 50 пазари.
Во извештајот се истакнува дека режимот, со користење на барелните бомби во голем обем, извршил злосторство против човештвото.
Според извештајот, потребно е врз режимот да се спроведат санкции за оружје, упатувајќи повик за поведување судска постапка за лицата или институциите кои ќе го помагаат режимот со финансиски средства и оружје.
- Цената е 50 долари, а има голем ефект -
Поради ниската цена на чинење, од околу 50 долари и големата разорна моќ, режимот претпочита да користи барелни бомби.
Режимот, користејќи ги овие бомби воглавно врз цивилни цели, има за цел да предизвика колку што е можно поголема смртност. Во зависност од експлозивното полнење, овој вид бомби се ефикасни во радиус од 50 до 200 метри.
Според воената терминилогија, овој вид бомби се фрлаат врз целта со т.н. „принцип на слободен пад“, а поради големите штети што ги предизвикува, го принудува населението на миграции.