Hakan Çopur
13 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - „Страв: Трамп во Белата куќа“, новата книга за американскиот претседател, која од вторникот е официјално во продажба, првиот ден е продадена во над 750 илјади примероци, што е рекорд во таа тематска област, јавува Anadolu Agency (AA).
Авторот на оваа книга кој дури отсега предизвика жестока расправа во американската јавност и претставува икона на американското новинарство, Боб Вудворд, е прославен со пишувањето за аферата „Вотергејт“ која доведе до оставка на некогашниот претседател Ричард Никсон.
Во соопштението на издавачката куќа „Simon&Schuster“, која ја издаде книгата, се наведува дека веќе првиот ден ова четиво забележало „сериозен успех“.
„Тоа е културолошки феномен. Јасно е дека луѓето имаат силно чувство за вакви теми“, изјави Џонатан Карп, директорот на оваа издавачка куќа.
На 448. страница книгата ја опишува хаотичната атмосфера околу Трамп, чиишто соработници на сите можни начини се обидуваат да го ограничат својот претседател.
Книгата, меѓу останатото, ја опишува сцената во која Доналд Трамп наводно на министерот за одбрана, Џим Матис, по хемискиот напад врз цивилите во Сирија во април 2017 година, му наложил атентат врз сирискиот претседател, Башар ал Асад. Матис на соработниците, според пишувањето на Вудворд, им рекол дека Трамп е на ниво на ученик во петто или шесто одделение и дека нема да го послуша.
Еден од најважните оперативци во Белата куќа, шефот на Кабинетот на претседателот, Џон Кели, наводно го нарекол Трамп идиот, работата во неговата администрација „најлоша во кариерата“, а Белата куќа „лудница“.
Сепак, и Матис и Кели ги демантираа наводите од книгата, тврдејќи дека станува збор за обид за дисквалификација на луѓето блиски на претседателот и обид да се сврти вниманието од големиот број успеси на актуелната власт.
Вудворд во книгата не ги наведува имињата на своите извори, но тврди дека зад книгата стојат часови снимени разговори со соработниците на Трамп, документи, меморандуми и белешки кои му ги доставиле извори од Белата куќа.
Сепак, Белата куќа ги отфрли овие тврдења на Вудворд.