Michael Gabriel Hernandez
24 Август 2020•Ажурирај: 30 Август 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Републиканците и официјално го номинираа американскиот претседател Доналд Трамп за изборите 2020 година, на почетокот на четиридневната конвенција на партијата што започна денес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Официјалното номинирање на Трамп и потпретседателот Мајк Пенс за кандидати од редовите на партијата следеше по гласањето на делегатите од државите кои го поддржаа претседателот, кој сега и официјално влегува во трката против кандидатот на демократите Џо Бајден.
Анкетата на Си-би-си њуз/ЈуГов објавена вчера покажува дека Бајден води пред актуелниот претседател Трамп со 10 процентни поени на национално ниво, на само 71 ден до изборите закажани за 3 ноември.
Многу други анкети, дури и во државите со традиционално скоро подеднаков број поддржувачи, покажаа дека Бајден ужива поголема предност.
Обраќајќи се на конвенцијата, Пенс продолжи со обвинувањата дека претседателскиот кандидат Бајден и кандидатката за потпретседател од редот на демократите, Камала Харис, се обземени од радикалната левица, тврдејќи дека земјата не може да ризикува промени во администрацијата.
„Не само Републиканската партија, туку и на Америка ѝ се потребни уште четири години претседателствување на Доналд Трамп во Белата куќа“, рече Пенс. „Оваа недела ќе го пренесеме нашиот случај пред американскиот народ“.
Се очекува Трамп да се обрати на конвенцијата пред официјално да ја прими номинацијата од Белата куќа во четврток вечер.