Ekipa
08 Ноември 2017•Ажурирај: 09 Ноември 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, денеска во Вашингтон изјави дека очекува да се преземат конкретни чекори од страна на американските институции во врска со екстрадицијата на Фетула Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нашата страна испрати сè што беше потребно, сите информации, целата документација. Сметам дека нема ништо ново да им се испрати на институциите тука. Можам да речам дека се испратени повеќе документи отколку што и беше потребно. Сега очекуваме од надлежните институции на Соединетите Американски Држави да направат конкретни чекори“, рече Јилдирим.
Тој додаде дека не би било сосема точно да се каже дека односите меѓу Турција и Соединетите Американски Држави се совршени.
„Не би било коректно да се каже дека нашите односи со САД се на совршено ниво. Имаме сериозни проблеми. На нашиот соговорник ќе му го пренесеме мислењето овие проблеми конечно да ги оставиме во минатото и да се фокусираме на иднината“, рече Јилдирим.
Тој истакна дека за време на состаноците со американските официјални претставници ќе се разговара и за регионалните прашања, особено за ситуацијата во Сирија и во Ирак, и за борбата против ДЕАШ.
Тој додаде дека една од темите на разговор ќе биде испораката на американското оружје на терористичката организација ПЈД/ЈПГ, огранокот на терористичката организација ПКК во Сирија.
На крајот тој истакна дека целта на неговата посета на Вашингтон е да придонесе за преземање на чекори за усогласување на двете земји во областите каде што досега немаше заеднички договор.
„Целта на оваа посета е да се даде придонес за да се преземат чекори во позитивна насока во областите каде што двете земји не можеа да се сoгласат. Ќе објасниме дека постојат многу причини односите меѓу Турција и САД да се развиваат во позитивна насока, а не во негативна. Верувам дека и нашите соговорници не се премногу задоволни со ситуацијата во којашто се најдовме. Затоа што Турција со години е сојузник на САД во рамките на НАТО. Освен тоа, и во регионот е важен стратешки партнер“, изјави турскиот премиер за новинарите.