Ekip
24 Ноември 2018•Ажурирај: 25 Ноември 2018
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани денес го нарече Израел канцероген тумор кој го воспоставиле западните земји за да ги унапредат своите интереси на Блискиот Исток, пренесува Anadolu Agency (AA).
Иранските лидери често го осудуваат Израел и предвидуваат негово уништување, но Рохани, кој релативно е умерен, ретко ја користеше таквата реторика.
„Еден од злокобните резултати на Втората светска војна беше создавање канцероген тумор во регионот“, изјави Рохани на годишната конференција на Исламското обединување.
Тој во продолжение зборуваше за Израел, како и за „лажниот режим“, кој го воспоставија западните сили.
Иран никогаш не се закануваше дека ќе го нападне Израел, но вети дека ќе изврши одмазда доколку биде нападнат. Од друга страна, Израел на Иран гледа како егзистенцијална закана.
Рохани изјави дека САД ги култивираат блиските врски со муслиманските народи во регионот, за да го заштитат Израел, мислејќи на регионалниот ривал Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници. Тој изјави дека попуштањето под американскиот притисок е предавство.
Меѓутоа, додаде дека Иран е подготвен да ја одбрани Саудиска Арабија од тероризмот и велесилите.
„Ние ве сметаме за браќа. Ние ги сметаме луѓето од Мека и Медина за наши браќа“, истакна Рохани.
Саудиска Арабија ги прекина дипломатските односи со Иран пред речиси три години, откако иранските демонстранти ги нападнаа нивните дипломатски претставништва во Иран, како одговор на егзекутирање на шиитски имам.
Двете земји ги поддржуваат спротивните страни во војните во Сирија и Јемен.