Umar Farooq
24 Ноември 2018•Ажурирај: 27 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Климатските промени може да ги чинат САД стотици милијарди долари секоја година до 2050 година, доколку не се преземат драстични мерки за намалување на емисиите на јаглерод, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот „Национална проценка на климата“ („National Climate Assessment“), составен од голем број владини агенции, ставен е фокус на влијанието на климатските промени кое би го имале не само на економијата, туку на сите сектори од американското општество.
Утврдено е дека штетата на економијата би можела да биде огромна.
„Со континуираниот пораст на емисиите по историски стапки, предвидени се годишни загуби во некои економски сектори со достигнување од стотици милијарди долари до крајот на векот - повеќе од сегашниот бруто-домашен производ (БДП) на многу американски држави“, пишува во извештајот.
Во извештајот, исто така се нагласува дека климатската промена предизвикала екстремно време заедно со промените во просечните климатски услови и дека се очекува идната климатска промена да предизвика дополнително нарушување во многу области од животот и влошување на постоечките предизвици за просперитет.
Додека влијанието што може да го имаат климатските промени врз еден сектор може да биде катастрофално, истовремено може да влијае и на други сектори.
„Целосниот степен на ризик од климатските промени за меѓусебно поврзани системи, од кои многумина ги опфаќаат регионалните и националните граници, често е поголем од збирот на ризици за поединечните сектори“, се вели во извештајот.
Прашањето за климатските промени е во спротивност со агендата на американскиот претседател Доналд Трамп, додека тој постојано се труди да ги преиспита проеколошките политики.
Во јуни 2017 година, Трамп објави дека САД се повлекуваат од Парискиот договор за климатските промени.
Во октомври оваа година, тој ги обвини научниците за климатски промени дека имаат „политичка агенда“, велејќи дека, додека тој смета дека климата се менува, не верува дека тоа е предизвикано вештачки.