Burç Eruygur
30 Октомври 2022•Ажурирај: 02 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија денес ја прошири листата на санкции со вклучување на сите британски прекуморски територии, обвинувајќи ги за непријателски дејствија против Москва, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На листата [за санкции] се додадени уште 11 британски прекуморски територии“, се наведува во соопштението на руската Влада, и се додава дека тие територии ги поддржуваат санкциите воведени против Москва од страна на Велика Британија.
Според соопштението, на листата се додадени Бермудските Острови, Британската Антарктичка Територија, Британската Индоокеанска Територија, Кајманските Острови, Фолкландските Острови, Монтсерат, Питкернските Острови, Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња, Јужна Џорџија и Јужните Сендвички Острови, Акротири и Декелија и островите Туркс и Каикос.
Русија претходно воведе санкции за три британски прекуморски територии - островот Ангвила, Британските Девствени Острови и Гибралтар.
Со новододадените 11 територии, сега на листата на Русија се наоѓаат сите 14 британски прекуморски територии.
Велика Британија е една од најгласните земји за санкционирање на Русија откако таа започна војна против Украина во февруари. Велика Британија е исто така еден од најголемите поддржувачи на Киев.