Islam Uddin
12 Јануари 2023•Ажурирај: 13 Јануари 2023
ИСЛАМАБАД (АА) - Русија ја увери Администрацијата на авганистанските Талибанци за континуирана соработка, велејќи дека не сака Авганистан да биде изолиран од светската заедница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението објавено од авганистанското Министерство за надворешни работи, продолжувањето на соработката е договорено на средбата меѓу специјалниот пратеник на рускиот претседател Владимир Путин за Авганистан, Замир Кабулов и вршителот на должноста министер за надворешни работи на Авганистан, Амир Кан Мутаки во Кабул.
„Русија не сака Авганистан да биде изолиран од меѓународната заедница и двете земји треба да вложат заеднички напори во овој поглед“, додаде тој.
Мутаки ѝ се заблагодари на Русија за сите олеснувања на Авганистанската амбасада во Москва и рече дека привремената Влада на Талибанците сака да го прошири своето дипломатско присуство во Москва.
„Русија има посебно место во надворешната политика на Авганистан“, рече Мутаки.
Тој дискутираше и за увозот на нафта, гас и пченица од Русија и за унапредување на билатералната трговија меѓу двете земји.
Рускиот пратеник, исто така, го увери Мутаки за континуирана соработка со Авганистан на различни полиња и рече дека Кабул може да игра важна улога во развојот на трговијата меѓу Пакистан, Централна Азија и Русија.
Кабулов ја осуди вчерашната експлозија во близина на Министерството за надворешни работи и изрази жалење за загубата на скапоцени животи.