Elena Teslova
28 Декември 2023•Ажурирај: 28 Декември 2023
МОСКВА (АА) - Русија евакуираше повеќе од 1.100 луѓе од Појасот Газа, изјави денес висок дипломат, јавува Анадолу.
„Повеќе од половина од нив се руски државјани, а другите се странски државјани“, изјави на прес-конференција во Москва, Јуриј Горлах, директор на Ситуацискиот кризен центар, работна група за итни случаи во руското Министерство за надворешни работи.
„Нашите институции во странство добија дозвола за околу 1.300 луѓе да поминат низ контролниот пункт Рафа“, рече тој.
Горлах прецизираше дека 1.125 лица ја напуштиле Газа преку граничниот премин Рафа и потоа биле пренесени во Русија со специјални авиони на руското Министерство за вонредни состојби.
„Од нив, 644 се руски државјани, додека 473 се Палестинци, кои се членови на семејства на руски државјани. Успеавме да ги евакуираме и граѓаните на Киргистан, Украина, Шведска и Мароко“, рече тој.
„Во моментов, мал број руски државјани остануваат во палестинската енклава, руските странски мисии внимателно ја следат ситуацијата и се обидуваат да им помогнат“, рече Горлах.
„Околу 600 од евакуираните лица, од кои половина се деца, пратени се во 10 објекти за привремено сместување“, рече тој.
Дипломатот истакна дека повеќето руски заложници се ослободени и дека во тек се активности за ослободување на преостанатите заложници.
„Како што гледате, ситуацијата во регионот е напната. Безбедното повлекување на нашите заложници, исто така, е задача што мора да се постигне многу внимателно. Ние тесно соработуваме за ова прашање со властите и на Израел и на Катар, кој исто така дава помош“, рече тој.
Израел започна жестоки напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври. Во нападите загинаа најмалку 21.110 Палестинци, а повредени се 55.243, главно жени и деца, според здравствените власти на енклавата.
Се смета дека околу 1.200 Израелци се загинати во нападот на Хамас.