Alperen Aktaş
13 Јуни 2025•Ажурирај: 16 Јуни 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Русија денес ја осуди ескалација на непријателствата меѓу Израел и Иран и ги повика своите граѓани да избегнуваат патувања во Израел поради влошувањето на безбедносната состојба, јавува Анадолу.
„Руското Министерство за надворешни работи, следејќи ги упатствата на претседателот Владимир Путин, наскоро ќе издаде детално соопштение во врска со ескалацијата“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека Путин ги следи случувањата во реално време.
Руската амбасада во Тел Авив ги предупреди граѓаните да се воздржат од посета на Израел и им препорача на оние што веќе се наоѓаат во земјата да ја напуштат доколку е можно.
„Оние што можат треба да го напуштат Израел додека ситуацијата не се нормализира“, соопшти амбасадата, повикувајќи ги граѓаните да останат смирени, да ги следат локалните безбедносни упатства и да останат во близина на безбедните области.
Предупредувањата следуваа по големите израелски воздушни напади рано утринава, а портпаролот на армијата, бригадниот генерал Ефи Дефрин, извести дека 200 израелски авиони фрлиле 330 парчиња муниција врз цели во Иран.
Во нападите се убиени неколкумина високи ирански функционери, меѓу кои и началникот на Генералштабот, Мохамед Бакери и командантот на Исламската револуционерна гарда, Хусеин Селами.
Како одмазда Иран лансираше повеќе од 100 беспилотни летала кон Израел, а напорите за пресретнување се во тек.
Според извештаите, двете страни се подготвуваат за понатамошни воени конфронтации, вклучително и потенцијални ирански напади со балистички ракети.