Ali Cura
12 Мај 2022•Ажурирај: 13 Мај 2022
МОСКВА (АА) – Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека доколку Финска влезе во НАТО, Русија ќе мора да преземе одмазднички чекори, и воени и други, за да ги запре заканите за националната безбедност на Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на Министерството се нагласува дека одлуката на Финска да поднесе барање за влез во НАТО се опишува како „радикална промена“ во надворешната политика на оваа земја.
Се наведува дека децениската воена политика на неврзаност на Финска ѝ служела на стабилноста во Северноевропскиот Регион и ја обезбедувала безбедноста на Финска.
Исто така, се посочува дека намалувањето на улогата на воениот фактор на нула е основа на соработката и партнерството меѓу Русија и Финска.
„Јасна е целта на НАТО, кое силно ја убеди финската страна дека не постои друга алтернатива освен да стане членка на Алијансата: да продолжи да се шири кон границите на Русија и да се создаде друго крило за воена закана за нашата земја“, се нагласува во соопштението.
– „Хелсинки треба да биде свесно за одговорноста и последиците од таквиот потег“ -
Посочувајќи дека Финска ќе ја претвори својата територија во зона на конфликт со Русија, се додава:
„Хелсинки треба да биде свесно за одговорноста и последиците од таквиот потег. Пристапувањето на Финска во НАТО сериозно ќе ги оштети руско-финските билатерални односи и одржувањето на стабилноста и безбедноста во Северноевропскиот Регион. Русија ќе мора да преземе одмазднички чекори, и воено-технички и на друг начин, за да ги спречи заканите за нејзината национална безбедност кои произлегуваат во овој контекст.“
Меѓу другото, во соопштението се истакнува дека приемот на Финска во НАТО ќе биде директно кршење на нејзините меѓународни правни обврски, особено на Парискиот мировен договор од 1947 година, кој предвидува обврска на страните да не влегуваат во сојузи или да се приклучуваат на коалиции.