Sayed Khodaberdi Sadat
15 Февруари 2019•Ажурирај: 16 Февруари 2019
КАБУЛ (АА) - САЈЕД КОДАБЕРДИ САДАТ -
Рускиот војник кој учествувал во окупацијата на Авганистан, каде што и бил заробен, денес работи како кустос во Музејот на советската окупација, а земјата која некогаш како доброволец дошол да ја окупира, денес ја смета за дом.
Хакимов како што некогаш се викал, а денес е Шејх Абдулах, учествувал како доброволец во почетокот на процесот на советската окупација на Авганистан во 1979 година. Крако по доаѓањето во Авганистан е ранет, а потоа и заробен.
Како што изјави тој во разговор за Anadolu Agency (AA) постапувањето на авганистанските војници, откако им паднал ранет во рацете, го восхитило до таа мерка што одлучил да остане со нив и по војната.
Татко му е Русин, мајката Украинка, а Абдулах денес себеси се нарекува Авганистанец.
Како што изјави, постапувањето на авганистанските војници откако е заробен, го поттикнало да ја истражува нивната култура, традиција и вера. Подоцнал станал муслиман и го зел името Сејх Абдулах.
„Кога бев ранет и заробен имав 25 години. Авганистанците многу добро постапија со мене. Тоа навистина ме импресионираше. Одлучив да станам муслиман и да останам во Авганистан“, се присети тој во разговорот за АА.
Абдулах живее и работи во Херат, град на западниот дел на Авганистан, каде што основал и семејство. Тој е кустос во Музејот на советската окупација во кој на посетителите секојдневно им зборува за експонатите, претежно оружје, кое некогаш и сам го користел во Авганистан.
„Во овој музеј се прикажани и страдањата на луѓето тука. Сакам тука да работам и за тоа да зборувам сè додека сум жив“, изјави тој.
Шејх Абдулах е еден од 40 исчезнати советски војници во Авганистан, за кои Русија бараше враќање во земјата. Меѓутоа, како што рече, тој не сака да го напушти Авганистан.
„Пријателството со авганистанските борци кои ранет ме заробија, а потоа веднаш се погрижија да ми се укаже секаква помош, и денес го негувам. Кога ќе умрам, сакам да бидам погребан во оваа земја“, изјави Абдулах.
Советската окупација на Авганистан започна во 1979 година, а траеше повеќе од девет години и зад себе остави повеќе од милион мртви цивили и три милиони ранети.
Според официјалните информации, Советскиот Сојуз во Авганистан изгуби 14.751 војник, од кои пет генерали. Во окупацијата учествуваа околу 620.000 војници. Советскиот Сојуз во Авганистан изгуби 451 летало, 147 тенкови, 443 топови и 11.000 камиони со разна намена. Окупацијата на Авганистан го чинеше Советскиот Сојуз 50 милијарди долари.