Efe Özkan
15 Октомври 2025•Ажурирај: 15 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Кремљ денес објави дека рускиот претседател Владимир Путин ќе му биде домаќин на сирискиот претседател Ахмад ал-Шара, кој првпат ќе ја посети Русија, јавува Анадолу.
„Лидерите имаат намера да разговараат за моментната состојба и идните перспективи на односите меѓу Русија и Сирија во политиката, трговијата и економијата, за културните и хуманитарните прашања, како и за неодамнешните случувања на Блискиот Исток“, се вели во соопштението на Кремљ.
Претходно Сириската арапска новинска агенција (САНА) ја потврди посетата на Ал-Шара и рече дека таа е со цел да се реорганизираат билатералните односи и да се зајакне политичката и економската соработка.
Во текот на посетата Ал-Шара ќе се сретне и со членови на сириската заедница во Русија.
Во понеделникот, на состанокот со новинарите од арапските земји, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Сирија би сакала да ги задржи руските воени бази во земјата, но може да ги пренамени за други задачи во услови на нова реалност, според руската државна новинска агенција Тас.
Во февруари Путин телефонски разговараше со Ал-Шара, потврдувајќи ја поддршката на Русија за единството, суверенитетот и стабилноста на Сирија и изразувајќи подготвеност за ревизија на договорите потпишани со поранешниот режим на Асад, а наедно повика на укинување на економските санкции за Сирија.
Посетата се реализира по повеќе од еден месец откако рускиот вицепремиер Александар Новак го посети Дамаск на 9 септември, каде што разговараше со високи сириски претставници за одредени прашања, меѓу кои енергетската соработка и хуманитарната помош.
Башар ал-Асад, кој владееше со Сирија речиси 25 години, избега во Русија кон крајот на 2024 година, со што заврши децениското владеење на партијата Баас, кое започна во 1963 година.
Во јануари беше формирана нова преодна администрација предводена од Ал-Шара.