КАБУЛ (АА)
- Сејед Кодаберди САДАТ
Интензивните судири во Авганистан го принудуваат народот на таа земја да ги напушти своите огништа и да побара засолниште на други места во и надвор од земјата, пишува Агенција Анадолија (АА).
Судирите во Авганистан се интензивираа по одлуката на САД да ја повлечат војската од Авганистан и по неуспешните мировни преговори во Доха. Бунтовничкото талибанско движење зазеде поголем дел од провинциите во земјата и во изминатите денови се фокусира на нападите и преземањето на контролата во главните градови на авганистанските провинции.
Талибанското движење во изминатите 8 дена ја презеде контролата врз 18 главни градови на авганистанските провинции. Авганистанската влада под своја контрола држи 16 провинции.
Во извештајот на Канцеларијата за вонредни ситуации на Авганистан се наведува дека изминатите неколку недели во Кабул пристигнале повеќе од 20.000 семејства од провинциите што се цел на талибанските напади.
Цивилите ги напуштаат своите огништа и бараат засолниште на други места во и надвор од земјата, а на тој проблем не му се гледа крајот бидејќи нема ниту знак кога судирите би запреле.
Независната комисија за човекови права во Авганистан пред десетина дена соопшти дека во таа земја во изминатите три месеци се раселени повеќе од милион луѓе.
Цивилите под притисокот на талибанските напади во колони пристигнуваат во Кабул од северниот и североисточниот дел на земјата, а оние што пристигнаа во Кабул се наоѓаат во многу лоши услови и водат борба за преживување.
Мухамед Омер, еден од бегалците кој се смести во импровизиран камп во парк во кабулскиот регион Хајирхан, за АА изјави дека е принуден на бегство откако во гранатирање му е уништена куќата во провинцијата Кундуз.
„Во мојот роден крај не остана никој. Сите избегаа откако започна војната“, рече Омер и додаде дека поради тоа и тој го понел своето осмочлено семејство во спас, и покрај неговата лоша здравствена состојба.
Од Кундуз во Кабул избега и Мухамед Рахим Кабир, кој рече дека веќе со денови неговото семејство преживува со вода и малку леб.
Ихсанулах Набизаде во Кабул со семејството избега од провинцијата Тахар, а за АА рече дека поради судирите бил принуден да остави сè и да побара спас во Кабул.
„Тука сме во паркот во овој шатор. Уште никој од власта не ни се обрати, ниту ни помогна“, изјави Набизаде.
Од Канцеларијата на гувернерот на Кабул најавија дека наскоро ќе започне процесот на згрижување на пристигнатите бегалци.
Сè повеќе авганистански граѓани се решаваат и на заминување од земјата. Според податоците на ресорното Министерство, во изминатите неколку недели, земјата на дневна основа во просек, по легален или илегален пат ја напуштаат повеќе од 1.000 луѓе. Најголемиот дел од луѓето се одлучуваат на преоѓање на иранската граница, а потоа продолжуваат кон Запад.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предупреди дека ситуацијата во Авганистан излегува од контрола и го повика талибанското движење под итно да ги запре нападите.
Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера порача дека талибанците треба да знаат дека од меѓународната заедница нема да добијат признавање доколку со сила ја преземат контролата на власта во Авганистан.
news_share_descriptionsubscription_contact
