Hakan Çopur
05 Декември 2020•Ажурирај: 06 Декември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Вкупната продажба на оружје од Соединетите Американски Држави (САД) во 2020 година порасна за 2,8 проценти во споредба со претходната година и достигна вредност од 175,08 милијарди долари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кларк Купер, државниот секретар за политичко-воени работи на САД, и Хајди Грант, директорот на Агенцијата за безбедност и соработка во одбраната (DSCA), која е дел од Пентагон, на заеднички брифинг што се одржа во Министерството за одбрана ја објавија статистиката за продажбата на оружје од САД во 2020 година.
Според нив, САД оствариле 50,78 милијарди долари од меѓувладина „продажба кон странски војски“ и 124,3 милијарди долари од „директна комерцијална продажба“.
Според истите податоци, вкупната воена продажба на САД е зголемена за 2,8% во споредба со фискалната 2019 година и од 170,09 милијарди долари е зголемена на 175,08 милијарди долари.
Најголема продажба кон странски војски во 2020 година претставува договорот постигнат со Јапонија во висина од 23,11 милијарди долари за продажбата на 105 авиони „F-35“, а второто и третото место го зазедоа продажбата на хеликоптери „AH-64E“ на Мароко во висина од 4,25 милијарди долари и продажбата во висина од 3 милијарди долари за Израел на полето на авијацијата.
- Продажбата на „F-35“ на ОАЕ -
Купер истакна дека доколку американскиот Конгрес ја одобри продажбата на авионите „F-35“ на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), која на 10 ноември е одобрена од страна на администрацијата на Доналд Трамп и е во рок на проценка од 30 дена, тогаш тоа ќе биде една од најголемите продажби на оружје во рамките на еден договор заедно со оној што е постигнат со Јапонија.
Купер изјави дека Конгресот има време до 11 декември, а дека на крајот од тој период сакаат да ја спроведат продажбата на авионите „F-35“ на ОАЕ, потенцирајќи дека ги презеле сите мерки за отстранување на јавната загриженост за тоа како оваа земја ќе го користи споменатото оружје.
Тој истакна дека тесно соработуваат со странските земјите на кои им продаваат оружје, со цел да се спречи употребата на тоа оружје врз цивилите, и дека по продажбата ја следат употребата на оружјето, додавајќи дека истата ситуација е и во случај со ОАЕ.
Сè уште во американскиот Сенат има 4 одделни нацрт-резолуции кои се против одобрувањето на американската администрација за продажбата на авионите „F-35“ на ОАЕ.