Esra Kaymak
06 Октомври 2016•Ажурирај: 06 Октомври 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Како дел од мултилатералните состаноци во Берлин, САД започна разговори со Меѓународната група за подддршка на Сирија (МГПС) и со други партнери, со цел да пронајдат решение за Сирија, соопштија вчера од Стејт департментот, јавува Anadolu Agency (AA).
Состаноците се оддржуваат два дена откако САД ја прекина билатералната соработка со Москва, во која се бараше прекин на огнот во опустошената земја.
Потсекретарот на САД, Томас Шенон, вчера беше во посета на германскиот главен град Берлин, со цел да се состане со високи официјални претставници од Франција, Германија, Италија, Велика Британија и САД – за да дискутира за пронаоѓање решение за Сирија.
„Шенон за време на посетата во Берлин исто така разговараше и со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, за време на брифинг.
На прашањето како дипломатите можеле да одржат разговори кога САД тукушто најавил суспендирање на билатералните врски со Русија, Тонер одговори дека би претставувало голема неодговорност од страна на САД да ги прекине разговорите со Лавров, со оглед на тековните насилства во Алепо.
„Она што се случи пред некој ден, суспендирањето, мора да е поврзано со билатералната соработка што ние мислевме дека е постигната на 10 септември во Женева. Тој напор е суспендиран, но нема да нѐ спречи во разговорите“, изјави тој.
„Во изминатите 24 часа, државниот секретар, Џон Кери зборуваше со своите колеги од В. Британија, Франција, Германија, Турција, ЕУ и Катар за тоа како да пронајдат решение за Сирија“, вели Тонер.
Меѓународната група за подддршка на Сирија (МГПС), со која претседаваат САД и Русија, е формирана минатата година, за време на разговорите во Виена, со цел да се најде решение за кризата.
САД и Русија во февруари се согласија за прекин на судирите во Сирија – да се донесе сирискиот режим и опозицијата на маса со цел да се најде политичко решение.
Запирањето на насилството беше предуслов за сириската опозиција да ги започне преговорите. Разговорите можеби никогаш нема да започнат, доколку не се постигне целосен прекин на огнот.
Тензиите меѓу Вашингтон и Москва станаа посилни откако САД најави суспендирање на билатералната соработка.