Enes Canlı
02 Јули 2019•Ажурирај: 02 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) започнаа истрага за оружјето од американско производство кое силите на либиската Влада на национално единство го запленија од силите лојални на командантот од источниот дел на Либија, Калифа Хафтар, пренесува Anadolu Agency (AA).
Повикувајќи се на изјава на неименуван висок официјален претставник на американскиот Стејт департмент, весникот „Ашарк ал Авсат“ (Asharq Al-Awsat) пишува дека САД сериозно пристапуваат на истрагата за наводите за погрешното и нерегуларното користење на американските одбранбени производи.
Силите на меѓународно признатата либиска Влада на национално единство, за време на минатонеделното ослободување на гратчето Гарјан кај Триполи, од милитантите лојални на Хафтар запленија големо количество оружје со американски ознаки.
Најмногу запленето оружје и муниција имаше во сандаците на американските компании „Raytheon“ и „Lockheed Martin“, вклучувајќи ги и напредните ракети „Javelin“.
На фотографиите на запленетото оружје кое либиската Влада на национално единство ги објави се гледа дека како купувач на оружјето во повеќе наврати е наведена војската на Обединетите Арапски Емирати, кои го поддржуваат Калифа Хафтар.
Истовремено, меѓу оружјето кое е запленето од силите на Хафтар беа и гранатите од кинеско производство.
Калифа Хафтар на почетокот на април започна воена акција со амбициозен план да го освои главниот град Триполи, во кој се наоѓа седиштето на Владата на национално единство.
Во Либија владеат превирања од 2011 година, кога востанието поддржано од НАТО резултираше со соборување и смрт на долгогодишниот претседател Муамер Гадафи, по повеќе од четири децении на власт.
Оттогаш, со политичките поделби во Либија се формираа два ривалски центри на моќ, еден во Тобрук и друг во Триполи.