Safvan Allahverdi
06 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Властите на САД изразија длабока вознемиреност поради зачестените извештаи за употреба на хемиско оружје во нападите кои во Сирија ги извршуваат силите лојални на режимот на Башар ал-Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
„САД се длабоко вознемирени поради зачестените извештаи за употреба на хлор во нападите на силите на сирискиот режим врз невини цивили. Овој пат извештаите доаѓаат од Саракиб кај Идлиб“, се наведува во соопштението на американскиот Стејт департмент.
Истакнувајќи дека станува збор за шести таков напад во Сирија во текот на изминатите 30 дена, Стејт департментот ја повика меѓународната заедница да ја запре употребата на забранетото оружје во таа земја.
„Ја повикуваме меѓународната заедница единствено да настапи и да ја искористи секоја можност за притисок врз режимот на Асад и неговите сојузници, за да се спречи употребата на забранетото оружје и да се процесуираат одговорните“, се порачува од Вашингтон.
Од Стејт департментот ја обвинија Русија дека е одговорна за инцидентите во Сирија, а посебно оние во Источна Гута кај Дамаск. Официјален Вашингтон ја обвинува Москва за неисполнување на дадените ветувања и неискористување на влијанието врз режимот на Асад.
Идлиб се наоѓа на северниот дел на Сирија во близина на сириско-турската граница и е еден од четирите региони кои во мај минатата година во мировниот процес во Астана беа прогласени за зони без судири.
И покрај договорот за прекин на судирите, силите на режимот на Асад ги интензивираа нападите на населените места во Идлиб, кој е под контрола на сириската опозиција.