Hakan Çopur
14 Јуни 2024•Ажурирај: 14 Јуни 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден и украинскиот претседател Владимир Зеленски потпишаа нов 10-годишен договор за соработка на полето на одбраната меѓу двете земји, известува Анадолу.
На маргините на Самитот на лидерите на Г-7 во италијанскиот регион Фасано, претседателите Бајден и Зеленски одржаа заедничка конференција за новинарите.
Двајцата лидери, кои потпишаа 10-годишен договор за соработка на полето на одбраната, ја истакнаа важноста на договорот, како за безбедноста на НАТО, така и за одбранбената база на Украина.
Осврнувајќи се на договорот, Бајден ја пофали одлуката да се замрзне дел од рускиот финансиски имот надвор од руската територија и од овој фонд да се искористат 50 милијарди долари во корист на Украина, наведувајќи дека на тој начин би можеле повеќе да ѝ помогнат на Украина.
„Наша цел е долгорочно да го зголемиме капацитетот на одбрана на Украина. Сакаме Украина да биде способна да се брани од идните агресии“, рече Бајден и наведе дека ќе ѝ помогне на оваа земја со оружје, муниција и друг вид поддршка, без праќање американски војници.
Бајден истакна дека договорот за одбрана што го потпишале со Зеленски е посветен на мирот и дека е во согласност со Повелбата на Обединетите нации (ОН) и принципот на суверенитет на земјите.
Истакнувајќи дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина против руската агресија, Бајден наведе дека најавиле нов пакет санкции за Москва и дека ќе продолжат со чекори во таа насока.
Претседателот на Украина, Зеленски, им се заблагодари на САД за договорот и рече дека со овој договор одбранбената соработка на двете земји ќе стане подлабока и поквалификувана.
На Самитот на лидерите на Г-7, кој се одржа во Италија, донесена е одлука на Украина да ѝ се обезбеди заем од 50 милијарди долари до крајот на 2024 година, со користење на приходите од каматата на замрзнатиот имот на Централната банка на Русија.
Од почетокот на руско-украинската војна западните земји замрзнаа околу 300 милијарди долари руски имот. Околу 200 милијарди долари од овие средства се наоѓаат во земјите на Европската Унија (ЕУ).
Замрзнатите средства секоја година носат милијарди долари приход од камата. Земјите на Г-7, особено САД, сакаат да го искористат овој приход за поддршка на Украина.