?kipa
17 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
ТОКИО (АА) - Американските и јапонските дипломати денес се сложија да го зголемат притисокот на Северна Кореја за да се решат тензиите околу нејзината нуклеарна програма, истакнувајќи дека е неопходно да се подготват на најлошото во случај дипломатските напори да не успеат, пренесува Anadolu Agency (AA).
Американскиот државен потсекретар Џон Саливан по состанокот со јапонскиот колега Шинсуке Сугијама изјави дека американскиот Стејт департмент и понатаму се фокусира на дипломатијата за да го реши проблемот и евентуално да го денуклеаризира Корејскиот Полуостров.
„Меѓутоа, со нашите сојузници во Јапонија, Јужна Кореја и на другите места, мораме да бидеме подготвени за најлошото доколку дипломатијата не успее“, изјави Саливан и додаде дека САД мораат да бидат подготвени да се бранат себеси и своите сојузници.
Сугијама ја потврди јапонската поддршка на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно изјави дека сите опции се на маса кога станува збор за одговор на ракетното балистичко тестирање од страна на Северна Кореја.
Меѓутоа, тој ја нагласи потребата за дипломатско решение и јакнење на соработката меѓу Јапонија, САД и Јужна Кореја преку соработката со Кина и со Русија.
Двајцата дипломати утре во Сеул ќе се состанат со јужнокорејскиот колега, каде што ќе ги продолжат разговорите за Северна Кореја.