Servet Günerigök
18 Јуни 2019•Ажурирај: 19 Јуни 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) ќе испратат додатни 1.000 војници на Блискиот Исток за да ја зајакнат одбраната, изјави вршителот на должноста американски секретар за одбрана, Патрик Шанахан, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Одобрив испраќање на околу 1.000 додатни војници за одбранбени цели за да излезат на крај со воздушните, поморските и копнените закани на Блискиот Исток“, изјави Шанахан, се наведува во соопштението.
Одлуката следуваше по минатомесечните напади на два танкера во Оманскиот Залив, за кои официјален Вашингтон го обвинува Иран. Обвиненијата Техеран ги отфрли.
„Неодамнешните ирански напади потврдуваат веродостојни разузнавачки податоци кои ги добивме за непријателското однесување на иранските сили и нивните сојузници, кои се закануваат на американскиот персонал и американските интереси во регионот“, истакна Шанахан.
Американско-иранските тензии се додатно зголемени од минатата година, откако САД еднострано се повлекоа од Договорот за нуклеарната програма меѓу шесте големи сили и Иран, и воведоа санкции кон Техеран.